БОШЊАЦИТЕ СЕ СОМНЕВААТ ВО БРОЈКИТЕ ОД ПОПИСОТ Правена е претпоставка за етничката припадност

0

Најголемиот и најзначниот политички субјект на бошњачката заедница во Македонија, Бошњачки демократски сојуз (БДС), изрази сомнеж за регуларноста на резултатите од пописот.

„Бошњачки демократски сојуз како политичка партија и на почетокот на процесот на попишување изрази сомнеж во исправноста на самиот процес и одредени неправилности. За жал нашите претпоставки се испоставија точни. Податоците од пописот за нас се неприфатливи затоа што постојано работиме на терен и ја знаеме реалната фактичка состојба. Нашата примедба е во пристапот на попишување. Имено, имаме лични сведоштва на граѓани кои биле попишувани според претпоставки за нивната етничка и верска припадност. Притоа, граѓаните, немаа можност во исто време да направат увид во внесените податоци. Ништо помалку важна не е ниту забелешката за отежнатиот процес на попишување на дијаспората. Добивме забелешки за бројни технички проблеми со апликацијата при попишување, поради што уверени сме и тврдиме дека бројот на Бошњаци кои живеат надвор од територијата на Р.С.Македонија е далеку поголем“, се вели во соопштението од БДС.

Оттаму додаваат и дека јавно укажувале на пропустите и се заканувале со излегување од владеачката коалиција, но биле уверувани дека пописот ќе се спроведе коректно и во согласност со сите правила.

„За жал резултатите не го покажуваат тоа и не ја одразуваат реалноста. Затоа, укажуваме дека податоците од пописот фрлаат сенка врз работењето на државните институции и ја доведуваат во прашање функционалноста и довербата во истите. Бараме да се преиспитаат резултатите и да се утврдат неправилностите за да резултатите од пописот спроведен по две децении бидат реални и да одговараат на потребите на граѓаните, а не да служат на поткусурување на партиските интереси“, велат од БДС.