Бремена жена од Куманово го тужеше работодавецот за незаконски отказ и го доби случајот

39

Бремена жена од Куманово поднесе тужба против работодавецот затоа што ја отпуштил за време на корона-кризата. Судот утврди дека таа незаконски била отпуштена, соопшти „Гласен текстилец“. Од таму велат дека ова е првата кривична пресуда за кршење работнички права за време на корона-кризата.

„За време на оваа здравствено-економска криза, каде што многу работници останаа без работа со незаконски откази, добивме позитивна вест. ‘Гласен текстилец’ го следеше судскиот случај на една работничка од Куманово, која беше бремена и ги користеше привремените мерки донесени од Владата, со кои бремените беа ослободени од работа. Работодавецот ѝ даде незаконски отказ поради кршење на редот и дисциплината. Оваа работничка собра храброст и го тужеше работодавецот со тужба поради работен спор и приватна кривична тужба и ја доби оваа битка, со што судот го усвои тужбеното барање, го утврди незаконитото постапување, со кои се повредени работничките права. Судот го поништи решението за откажување на договорот за вработување како незаконито“, се наведува во соопштението.

„Гласен текстилец“ ја објави пресудата на „Фејсбук“ со цел, како што велат, да ги охрабрат сите доколку им се повредени работничките права, да бидат одлучни и упорни во своето остварување.