Брестовац: Размислувам на ЕП да одам и со само по еден играч на некои позиции

24

По двата пријателски натпревари со Кувајт (една победа и еден пораз) почнуваат полека да стануваат јасни некои работи за селекторот Данило Брестовац. (По)младите добија шанса, но делува како да не ја користат на најдобар можен начин, со оглед на тоа дека селекторот е на мисла на ЕП да оди и со само еден играч на некоја позиција.

„Имаме уште два натпревари, но и во претходните два видов многу. Важна ми беше одбраната, но таму сликата е позитивна, оптимистичка… Она што ме загрижува е физичката подготовка на дел од играчите, се гледа и дека не се во натпреварувачки ритам, а сред сезона сме. По овие два меча почнувам да размислувам на некои позиции на ЕП да одам и само со по еден играч. Не сум задоволен од тоа што го пружија неколкумина, очекував многу повеќе“, констатира селекторот Данило Брестовац.

Сепак, селекторот вели дека уште никој не ги загубил своите шанси и ракометарите имаат уште два натпревари на „Трофеј Карпати“ да го сменат неговото мислење.

„Никој не е прецртан, имаме уште два натпревари на кои можеби може да се смени моето мислење. Но во борба за место на ЕП мора да се ’гризе’ за да се заслужи истото. Во А тимот нема експерименти и импровизации, нема втора шанса. Одат само најдобрите и најподготвените затоа што ЕП е натпреварување на високо ниво, со силно и специфично темпо“, заклучи селекторот.

Македонија денеска патува за Букурешт, а викендов ќе учестува на „Трофеј Карпати“, каде во полуфиналето се соочува со Алжир, додека Романија и Холандија се втората двојка.