Британски бизнисмен откриен како прв „супер-преносител“ на коронавирусот во Европа

50

Британецот, кој од здравствените служби е осомничен дека е првиот супер-преносител на коронавирусот во Европа, е бизнисменот Стив Волш (53).

На 6 февруари е тестиран позитивно на заразата со новиот вид на вирус, а се заразил на деловна конференција во Сингапур. Пред да се врати во Велика Британија, тој отишол на скијање неколку дена во француските Алпи.

Се смета дека со коронавирусот заразил уште 11 Британци, пренесува Скај њуз.

„Би сакал да ѝ се заблагодарам на Националната здравствена служба за помошта и грижата. Иако сум целосно закрепнат, загрижен сум за другите кои заболеа од овој вирус“, рече Волш, кој сè уште е во карантин во болницата Свети Томас.

„Штом дознав дека сум бил изложен на лице заразено со коронавирус, контактирав со мојот општ лекар и со другите надлежни здравствени служби. Потоа, се изолирав дома според нивните упатства“, додаде тој.

„Кога ми ја потврдија заразата, испратен сум во изолациска единица во болницата, каде престојувам и понатаму како мерка на претпазливост. Членовите на моето семејство се исто така во карантин. Им благодарам на моите пријатели, семејството и колегите за поддршката што ми ја дадоа во последниве недели и би ги замолил медиумите да ја почитуваат нашата приватност“, рече Стив Волш.

За супер-преносител се смета лицето кое заразило значително поголем број луѓе отколку што се очекува од одредена болест.

За време на епидемијата на САРС во Пекинг, епидемиолозите како супер-преносители ги дефинираа лицата кои заразиле повеќе од осум лица. Во оваа епидемија се забележани неколку супер-преносители.

Еден од нив бил доктор кој и покрај симптомите на САРС, отпатувал за Хонг Конг за да присуствува на свадба во семејството. Таму заразил 16 лица. Друг бил 54-годишник кој покрај САРС имал повеќе хронични болести, вклучувајќи срцеви заболувања и дијабетес тип два. Тој во болница заразил 33 лица.