Британци тестираат вакцина против коронавирус

13

Научници од Велика Британија почнаа со тестирање вакцина против коронавирус на животни.

– Вакцината ја вбризгавме кај глувци. Се надеваме дека ќе ги добиеме нашите први резултати во текот на следните неколку недели и ќе видиме како нивните антитела реагираат на коронавирусот – рече Пол Мекеј од Империал колеџ во Лондон.

Кинеската државна агенција Ксинхуа објави дека Универзитетот во Шангај во неделата исто така почнал со тестирање вакцина на глувци, но притоа се повика само на локалните медиуми, бидејќи немаше официјално соопштение.

– Се надеваме дека ќе бидеме први што ќе ја воведеме оваа вакцина во клиничките испитувања кај луѓето – рече Меккеј.

Тој појасни дека по завршување на првата фаза од тестирањето на животните, што може да трае и неколку месеци, може веднаш да се почне со клинички испитувања на луѓето.

– Значи, можеби до крајот на оваа година ќе имаме вакцина погодна за употреба – истакна Меккеј.

Тој додаде дека сепак не се работи за натпревар кој прв ќе ја открие вакцината.

– Кинезите го споделија геномот со сите во светот. Затоа, не е правилно да се каже дека ова е натпревар. Јас би рекол дека тоа е заедничка трка – појасни Меккеј.

Голем дел од светските истражувања за коронавирусот се финансирани од Коалицијата за епидемиолошки иновации (ЦЕПИ), која е основана во 2017 година на Светскиот економски форум. ЦЕПИ им помага на компаниите со лекови заеднички да се борат против опасните болести.

Империал колеџ има сопствени извори на финансирање.

Бројот на новозаразени со коронавирусот во Кина опаѓа, додека бројот на починати се големи на 1.113, соопшти здравствената комисија на земјата.

Во последните 24 часа во кина се потврдени нови 2.015 заразени лица, што претставува пад на бројот на заразени втор ден по ред. Вкупниот број на случаи во континентална Кина достигна 44.653, иако многу експерти тврдат дека голем број заразени не се евидентирани.

За тоа време, во Женева продолжува дводневниот форум на Светската здравствена организација, на кој 400 научници се обидуваат да забрзаат развој на тестови, лекување и вакцини во борбата против вирусот, чие официјално име е Ковид-19.

Учесниците се обидуваат да го идентификуваат вистинскиот извор на инфекцијата, да разменат биолошки примероци и делови од геномот на вирусот. Тие ќе се обидат да утврдат кои пристапи се доволно ветувачки за да се премине на следниот чекор, односно тестирање на луѓе за да види дали тие пристапи навистина функционираат.

На дневен ред е и прашањето дали е можно да се создаде постојана залиха на лекови, слична на залихата на вакцини што постоела за болести како жолта треска и ебола.

– Ако некој од лековите даде резултати, ќе има масовна побарувачка – изјави на почетокот од неделава Греам Кук, експерт за заразни болести на лондонскиот Империјал колеџ.

Засега нема докажани начини на лекување или вакцини за новиот вирус.

Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на двојно зголемување на напорите, поцврста волја и порешителни мерки за ограничување на ширењето на новата коронавирусна пневмонија, пренесе „Радио Кина”.

Од појавата на епидемијата ова е трет пат како кинескиот лидер зборува за превенцијата и контролата на заразата.

Неговиот говор ја покажува загриженоста за народот и неговата одговорност кон нацијата, ги поставува основите и целите за следните чекори во борбата со епидемијата и внесува нова сила за кинеското општество за справување со заразата, пренесе „Радио Кина“.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутериш, изјави дека Кина вложува огромни напори за ограничување на епидемијата и спречување на нејзиното ширење, што е забележително.

За време на критичниот период Си Џинпинг направи инспекција во Пекинг и донесе одлука за преземање на поактивни мерки против коронавирусот, што се најновите напори што Кина ги презема за заштитата на здравјето и безбедноста на кинескиот народ и луѓето низ светот.
– Епидемијата е демон и ние не можеме да го оставиме демонот да се крие – рече Си.