Брнабиќ: Дојавите за бомби се притисок врз Србија поради Русија

6

Премиерката на Србија Ана Брнабиќ оцени дека бројните дојави за бомби во Србија се притисок од странство поради невоведувањето санкции кон Русија.

-Ние даваме отпор 82 дена, ние сме единствената земја во Европа која нема воведено санкции кон Русија, дури и постојано неутралната Швајцарија ги воведе, дури и БиХ ги наметна, и ако за тоа не се прашаа сите што треба да се прашаат. Ние сме единствената земја која не воведе санкции и трпиме огромни притисоци, кои се страшни и секој ден стануваат се потешки, посилни и полоши, изјави Брнабиќ.

Таа оцени дека дојавите за бомбите се внимателно испланирани и оти тие „сигурно” дошле од странство, што говори и тоа што една од дојавите стигнала до белградскиот Тропикариум за кој повеќето граѓани не ни знаат дека постои.

-Некој погледнал какви може да бидат сите туристички атракции, кај нас тропикариумот е мал и повеќето не знаат за него, што ви покажува дека некој го планирал тоа и дека доаѓа од странство, затоа што ако некој го смислил тоа од Србија, никогаш не би испратил дојава до тропикариумот, објасни Брнабиќ.

Таа кажа и дека невоведувањето санкции кон Русија е „исклучително скапо”, бидејќи главното прашање за инвеститорите стана зошто Србија сè уште нема воведено санкции кон Русија, а како што истакна дополнително го забавува натамошниот раст на земјата.