Брнабиќ: Нема да запреме сè додека не ги откриеме убијците на Ивановиќ

9

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изјави денеска, на втората годишнина од атентатот на лидерот на Граѓанската иницијатива СДП, Оливер Ивановиќ, дека нејзина главна порака е да Србија нема да сопре со истрагата сè додека не бидат откриени нарачаталите и сторителите на тоа злосторството, и тоа „реалните, а не тие како би сакале некои да ја направат оваа приказна “.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Брнабиќ изјави дека Србија ја спроведува истрагата самостојно, без никаква поддршка од Приштина и меѓународните актери во Косово, со ЕУЛЕКС на прво место, додека, како што рече, УНМИК тука „нема посебени ингеренции“.

Таа кажа дека српските власти имаат „извесни сознанија“ кои она не може да ги сподели за да не ги загрози луѓето и истрагата, наведувајќи дека ситуацијата на Косово е таква што не може да се спречат убиствата ниту на заштитените сведоци на Специјалниот суд.

– Ние спроведуваме истрага со врзана лева и десна рака од страна на Приштина и меѓународната заедница – изјави Брнабиќ која додаде дека обвинетите за убиството на Ивановиќ не можат да очекуваат правилно судење на Косово и истакна дека косовското обвинение е „фарса“ и дека „доказите, доколку можат така да се наречат, се противречни“.

По повод две годишицата од убиството на Оливер Ивановиќ, се огласи неговиот братучед, Александар Ивановиќ, кој за ТВ Н1 изјави дека длабоко верува да снимките од камерите за надзор ќе дадат одговор на многу прашања, вклучително и дали убиството го извршиле Срби или Албанци и кој им помогнал да дојдат и да ја напуштат Косовска Митровица.

Тој додаде дека Оливер Ивановиќ „го предупредувал официјален Белград дека не смее да ги дели Србите на наши и нивни… и дека кампањата што се водела против него, обележувајќи го како предавник, е непримерна и нелегална и дека со тоа му ја загрозуваат безбедноста“ кажа Александар Ивановиќ.

Лидерот на Граѓанската иницијатива СДП, Оливер Ивановиќ, беше убиен на денешен ден пред две години во северниот дел на Косовска Митровица. Тој беше погоден од истрели од пиштол испукани од автомобил во движење пред неговата канцеларија.

Косовското специјално обвинителство на почеток на декември подигна обвинение против шест лица обвинети за вмешаност во неговото убиство, а беше издадена и меѓународна потерница за апсење на Милан Радоичиќ и Звонко Веселиновиќ за наводно раководење со криминална група.

Радоичиќ е потпретседател на Српската листа и контроверзна личност во српската заедница во северно Косово, во чија одбрана, по обидот на Приштина да го уапси, застана српскиот претседател Александар Вучиќ.