Брнабиќ: Не нѐ терајте да воведуваме полициски час (ВИДЕО)

23

Претседателката на српската влада Ана Брнабиќ кажа дека луѓето не ги сфаќаат сериозно мерките на владата и апелираше луѓето да почнат сериозно да ги сфаќаат и да се однесуваат во согласност со мерките.

„Од утринава имаме пет нови случаи, што е вкупно 55. Од тоа, 28 се на домашно лекување, додека две лица се во тешка состојба и на респиратор“, кажа Брнабиќ.

Таа им се заблагодари на целиот медицински персонал и експертите во Србија.

„Бројот на заразени почна да расте и затоа вчера одлучивме да воведеме мерки на вонредна состојба“, објасни српската премиерка.

Таа особено апелираше до граѓаните да ги сфатат сериозно мерките што ги донесе владата.

„Ми се чини дека луѓето не нѐ сфатија сериозно, не го слушаа претседателот, а ни мене ни експертите. Голем број постари сограѓани се на улиците. Сите што имате над 65 години, сфатете нѐ сериозно. Ова што го гледам денес на улиците е поразувачко. Не ја терајте владата да воведува полициски час. Доколку немаме самодисциплина, нема да го победиме ова“, изјави српската премиерка.

„Ако ова продолжи, ќе мора да преземеме дополнителни мерки“.

Српската влада синоќа во 22 часот имаше седница на која ги усвои мерките за вонредната состојба воведена поради борбата со коронавирусот.