Брнабиќ: Одлуката за бојкот на изборите е неодговорна

6

Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска изјави дека одлуката на опозицијата за бокот на изборите е многу неодговорна. Воедно таа изрази задоволство што Движењето „1 од 5 милиони“ решило да излезе на изборите, како и Либерално-демократската партија на Чедомир Јовановиќ и уште неколку опозициски партии.

Брнабиќ коментирајќи ја одлуката за бојкот заради доведување во прашање на легитимноста на идниот српски Парламент, рече дека на Србија и претстои едно од најважните прашања, а тоа е дебатата за уставните амандмани од областа на правосудството. За промена на Уставот потребно е двотретинско мнозинство и таа порача дека одговорните политичари би се бореле „и со рацете и со нозете“ за да влезат во Парламентот за да влијаат директно на процесот.

Коалицијата Сојуз за Србија и други партии меѓу кои и Движењето на слободни граѓани синоќа во Комбанк Арена во Белград усвоија Декларација во која се обврзуваат дека „секој обид за формирање влада заснована врз резултатите од лажните избори ќе се смета за чин на соборување на уставниот поредок“.