Брнс: Постигнат е значителен напредок во последните три години

9

Американската амбасадорка во Скопје, Кејт Мери Брнс, денеска преку писмено соопштение по повод распуштањето на деветтиот парламентарен состав од независноста, наведува дека сака да оддаде признание на значителниот напредок кој, како што пишува, е постигнат во последните три години.

Таа набројува дека тој напредок ги вкучува ратификацијата на протоколот за прием во НАТО, ратификацијата и чекорите за спроведување на Договорот од Преспа, ратификацијата на Договорот за пријателство со Бугарија, усвојувањето на законите за Националната безбедносна агенција и Оперативно техничката агенција, Законот за јазиците, Законот за одбрана, законот за заштита од дискриминација и Законот за јавно обвинителство.

„Овие достигнувања ја покажуваат посветеноста на Северна Македонија на реформската агенда, на доброто на граѓаните и да помогне во обезбедувањето на трансатлантската иднина“, наведува американската амбасадорка.

Вчера, непосредно пред распуштањето на Собранието, пратениците со 80 гласа „за“ колку што беа неопходни, го изгласаа Законот за јавно обвинителство. Ова следуваше откако прво за законот гласаа недоволни 74 пратеници, по што претседателот на Собранието Талат Џафери го поништи гласањето со појаснување за техничка грешка. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ реагираа бурно на ваквиот чекор и најавија покренување постапка пред надлежните институции за начинот на кој е донесен законот.