Бројот на активни ковид-случаи се искачи на 14.545, засега нема дополнителни мерки

1

Во земјава вчера беа регистрирани нови 1.865 случаи на Ковид-19. Од нив, 207 се реинфекции. Бројот на активни случаи изнесува 14.545.

Од новодијагностицираните, во Скопје се 871, а потоа следуваат Битола со 177 и Прилеп со 119. Во останатите градови, бројот на нови случаи е двоцифрен или едноцифрен. Според податоците од вчерашниот билтен, оздравени се 784 пациенти, а починати се осум лица од кои најмладиот на 45 години.

Досега кај нас се направени вкупно 1.686.063 тестирања на Ковид-19, а вкупниот број инфицирани од почетокот на епидемијата изнесува 239.920.

Комисијата за заразни болести засега нема предлози за нови мерки, ниту за скратување на времето на изолација на позитивни од тестирани на SARS-CoV-2 кои се асимптоматски случаи. За овој предлог, членовите ќе донесат одлука по дополнителна обемна дискусија која ќе следи во наредните денови.

Се разгледува и евентуалната можност за промена на почетокот на второто полугодие од учебната година, но одлуката по овој предлог ќе биде донесена непосредно пред почетокот на второто полугодие, бидејќи клучно ќе биде каква е епидемилошката состојба во државата.

Бројот на новозаболени од Ковид-19 расте и во земјите од регионот. Така, во вчерашниот ковид-билтен во Србија од тестирани 33.163 лица позитивни на коронавирусот биле 13.753. Ова е најголем број на новозаразени во Србија на дневна основа од почетокот на пандемијата.

Албанскиот национален комитет на експерти за справување со пандемијата на вчерашната седница оцени дека ситуацијата со пандемијата достигнува кулминација, во просек со по над 1.700 нови случаи на дневно ниво и одлучи да ја продолжи важноста на досегашните антиковид мерки. Одлучено е да не се воведуваат нови дополнителни мерки, туку оставаат на граѓаните строго да ги почитуваат веќе постојните антиковид мерки за кои, како што велат, недоволно се почитуваат.

Во Грција, пак, невакцинираните лица над 60-годишна возраст имаат уште неколку дена рок да ја примат првата доза за да ја избегнат казната од 100 евра месечно, со оглед на тоа што од 16 јануари стапува во сила одлуката за задолжителна вакцинација за конкретната старосна група.

И во Европа расте бројот на новозаболени. Во Франција регистрирани се речиси 370.000 новозаразени со коронавирус, во време кога Владата се обидува во следните неколку дена да ја усвои пропусницата за вакцинација, со цел да ги охрабри Французите што е можно повеќе да одат на прва вакцина и колку што е можно повеќе да ја забави циркулацијата на епидемијата.

Белгискиот Федерален парламент најави дека се подготвува да почне сериозна дебата за воведување задолжителна вакцинација против Ковид-19, во контекст на „експлозијата“ на нови случаи поради омикрон варијантата. Пратениците од Комисијата за здравство во наредните денови ќе сослушаат низа експерти и релевантни чинители, вклучително и претставници на граѓанскиот сектор. Не е познат точниот датум на почетокот на оваа дебата, но таа се очекува во текот на идната недела.