Бројот на жртвите на коронавирусот го надмина бројот на жртвите на САРС

9

Бројот на жртвите на коронавирусот порасна на 362, со што е надминат бројот на жртвите на САРС од 2003 година. Тогаш од САРС во Кина умреа 349 лица, потсетуваат агенциите. Инаку, од последици од коронавирусот во кина досега умреа повеќе од 361 пациент, а на Филипините еден. Заразени се над 17.000 луѓе. Надвор од Кина потврдено се заразени 150 луѓе.

Во Вухан во покраината Хубеи, жариштето на заразата, отворена е нова болница со илјада кревети, која е направена за само осум дена, а планирано е втората да биде готова во следните два дена. Властите во Пекинг испраќаат залихи од неопходните медицински материјали во покраината Хубеи, а најмногу недостигаат заштитни маски.

За само еден ден во Кина се пријавени речиси 3.000 нови случаи на коронавирусот и уште 57 починати лица, најмногу во покраината Хубеи, според податоците на Националната здравствена комисија.

Во Вухан војската им ја предаде на властите новата болница, која ќе се користи само за заразените од коронавирусот.

„Уверени сме и одлучни да ја спроведеме директивата на претседателот Си (Џинпинг) која се однесува на централизација на пациентите, експертите, ресурсите и лекувањето и дека ќе ја добиеме битката со епидемијата на вирусот“, истакна директорот на новата болница Џанг Сибинг.