БСП го враќа мандатот, Бугарија оди на избори, Радев треба да определи датум

9

Бугарските социјалисти (БСП) не успееа да направат мнозинство и ќе го вратат мандатот за состав на нова влада. Тоа стана јасно откако денеска не помина нивниот обид да како точка на дневен ред да биде вметната програмата за работа на парламентот за наредните шест месеци. Таа доби поддршка од 119 пратеници, 106 беа против а еден пратеник се воздржа од гласање. Социјалистите вчера најавија дека доколку се реализира нивната идеја, односно предлогот добие 121 глас „за“ тие веднаш ќе ја отпочнат постапката за избор на нова влада, со Асен Василев како кандидат за премиер.

„Со оглед дека нашето сценарио успеа, ние утре ќе го вратиме мандатот“, изјави координаторот на пратеничката група на БСП, Георги Свиленски на брифинг во парламентот.

Одлуката за расплетот на политичката криза во која влезе Бугарија по напуштањето на владината коалиција на партијата „Има таков народ“ (ИТН) на Слави Трифонов сега е во рацете на претседателот Радев. Тој неколкупати најави дека доколку не се најде решение и не биде избрана влада, предвремени избори се неминовност.

Како евентуален датум на кој би се одржале изборите се посочува 2 октомври.

Минатата година во Бугарија беа одржани три последователни изборни циклуси. Дури во последниот обид, беше направена влада предводена од новиот политички субјект „Промената продолжува“, во која клучна улога имаше двоецот Кирил Петков-Асен Василев, двајцата министри во техничките влади на претседателот Румен Радев.

Нивната коалиција, во која партиципираа и БСП и ИТН траеше нешто повеќе од шест месеци. Кабинетот на Петков беше избран на 13 декември минатата година. Недоверба на неговата влада и беше изгласана на 22 јуни оваа година.