Бугарија се повлече, нема уништени бугарски воени гробишта кај Дреново

5

Министерството за одбрана на Бугарија утврди дека двата споменика кај с.Дреново се подигнати на местото на бугарски воени гробишта што биле уништени во 30-тите години на минатиот век, рече Радослав Симеонов, главен експерт за воени споменици од бугарското МО во емисија на Бугарската национална телевизија.

Со овој утврден факт се стави крај на најновата серија обвинувања од официјална Софија дека во Македонија се врши дебугаризација и се уништува бугарското културно-историско наследство на нашата територија, а која почна минатата недела откако фондацијата „Македонија“ предупреди дека при изградбата на магистралата кај селото Дреново се изринати и осквернавени коски на речиси 400 бугарски војници кои загинале во Првата светска војна.

Симеонов рече дека бугарските воени гробишта крај Кавадарци се уништени уште во текот на 30-тите години на минатиот век. Според податоците на Министерството, кај Дреново сигурно постоеле две парцели бугарски воени гробишта на кои биле погребани 432 бугарски војници.

– Но, нивното постоење било осудено на пропаст поради политиката на целосно уништување на бугарски воени гробишта од страна на југословенските власти во текот на 30-тите години на минатиот век – посочи Симеонов.

Иако нема податоци за скорешно посегнување врз двата споменика, подигнати на местото на гробиштата крај с.Дреново, однесувањето на македонските власти кон нив, според воениот експерт, не е на соодветно ниво. Според него, физичкото постоење на двата споменика е во опасност заради изградбата на новата магистрала Скопје-Прилеп, до нив не е предвиден пристап, а недостасуваат и информативни табли.

– Министерството за одбрана со посебно внимание и вознемиреност ги следи се позачестените случаи, би рекол, на вандалски напади и сквернавење на бугарски, не само воени, културно-историски споменици. Зашто, тоа последниве години е честа појава. Затоа МО ќе продолжи уште повнимателно да ја следи состојбата со бугарските воени гробишта во РС Македонија – изјави Симеонов.

На територијата на Македонија, според него, има меѓу 480 и 500 гробишта на бугарски војници. Голем дел од нив се уништени во текот на 20. век и едвај 4-5 се соодветни на европските стандарди и пракса.

Минатата недела весникот „Труд“ ги пренесе обвинувањата за наводно осквернавени коски на воените гробишта, по што претседателот Румен Радев ја обвини Македонија дека врши дебугаризација и го уништува бугарското културно наследство. Потпретседателката Илијана Јотова рече дека сквернавењето на гробовите на бугарските војници во РС Македонија е многу долга сага, а европратеникот Ангел Џамбаски со писмо до претседателката Урсула фон дер Лајен дури побара Европската комисија да преземе конкретни дејства за зачувување на културно историско наследство на Бугарија во Македонија и праша дали ЕК во извештајот за напредокот на Македонија ќе ги вклучи случаите на бришење на бугарското наследство.

По овие обвинувања Министерството за надворешни работи и Министерствиото за транспорт и врски направија увид на местото каде се гради патот во близина на споменикот на загинатите војници по што МНР соопшти дека споменикот не е оштетен, но не е ниту запишан во каков било регистар за културно-историско наследство.

„Околу споменикот постои земјоделско земјиште кое се обработува на начин што се заобиколува ова обележје, а споменикот не е засегнат од какви било извршени градежни работи. Околу него нема гробишта или гробни места, а според увидот на терен, таквата состојба не се знае дали била различна во минатото. Сакаме да ги отфрлиме сите обвинувања и да упатиме апел до сите инволвирани поединци и институции да бидат внимателни и да не наседнуваат на очигледни провокации чија интенција е да ги загрозат добрососедските односи меѓу двете земји и напорите на двете Министерства за изнаоѓање заеднички решенија за надминување на разликите“, стои во реакцијата на МНР.