Бугарската академија контра МАНУ: Македонски јазик не постои

41

Официјалниот јазик во Република Северна Македонија е писмено-регионална норма на бугарскиот јазик, е ставот на Бугарската академија на науките (БАН), кој тамошните академици едногласно го зазеле на вчерашната седница, објавен во нејзиното официјално соопштение.

Со тврдењата дека постои македонски јазик се нарушуваат односите меѓу двете земји, оценуваат бугарските академици, чиј вчерашен став е реакција на Повелбата на Македонската академија на наука и уметност од 3 декември.

Ставот на БАН е сличен на оној на државниот врв во Софија искажан во Декларацијата од октомври годинава, дека македонскиот јазик е наречје на бугарскиот, а придружните документи содржат и серија квалификации и навреди за македонскиот јазик.

„Документот (на МАНУ, н.з.) предизвика многу сериозни научни забелешки“, се наведува во соопштението на бугарската академија.

Собранието на МАНУ на 3 декември усвои Повелба за македонскиот јазик во која ги изнесува научно признатите факти за македонскиот јазик. Повелбата, како што соопшти МАНУ, ги зацврстува ставовите на Академијата за потребата од засилена и континуирана поддршка на научните истражувања на македонскиот јазик и македонските дијалекти, водејќи се од строго научни начела.