Бугарската амбасада бара средба со Камчев во Шутка

4

Бугарската амбасада во земјава испратила барање до Министерството за правда и министерот Бојан Маричиќ да се дозволи на советник во амбасадата да го посети бизнисменот Јордан (Орце) Камчев, кој од март годинава се наоѓа во притвор во затворот во Шуто Оризари како обвинет во предметот Плацови на Водно.

За ова денеска на рочиште во судот информираше судијата Илија Трпков, кој го води судскиот процес и даде согласност да се оствари таа посета.

„Има вербална нота доставена од амбасадата на Бугарија со барање до Министерството за правда да дозволи советникот Герман Ванчев да го посети државјанинот на Република Бугарија, Јордан Камчев. Од моја страна е дадена дозвола да се изврши таа посета исто како што беше и за Јан Фигел иако во документите тогаш имаше само фотокопија од негов дипломатски пасош”, рече судијата Трпков.

Посетата, според најавата, ќе биде на 5 ноември.

Камчев заедно со останатите обвинети во Плацови на Водно денеска во судница го слушаат сведочењето на бизнисменот Александар Ивановски – Алек Теранова, кој раскажува како се случувало купувањето на парцелите на Водно и соседните станови во зградата каде живееше поранешниот премиер Никола Груевски.