Бугарскиот парламент ќе расправа за недоверба на владата

13

На вонредна седница бугарскиот парламентот денеска ќе расправа за недоверба на Владата. Тоа ќе биде петти по ред обид на опозицијата да го собори Кабинетот на премиерот Бојко Борисов. Во меѓувреме, во Софија и вчера – единаесетти ден по ред – се одржаа антивладини протести чија цел е оставка на владата на Борисов и на главниот обвинител Иван Гешев. За денеска е најавено дека протестите ќе се одвиваат на поинаков начин – како национален штрајк уште од утрото, со цел да се блокира Парламентот, каде што треба да почне дебатата за гласањето за недоверба на владата. Полицијата повика протестот да се одржува мирно и да не се запира работата на институциите. Демонстрантите најавија дека денеска ќе се протестира и пред судовите.

Деновиве бугарскиот премиер Бојко Борисов посочи дека шефот на државата Румен Радев бил сценарист на антивладините протести. Радев пак оцени дека интригите на државниот обвинител и на Владата и одбивањето да се слушне гласот на граѓаните само ја продолжува кризата и оти довербата е загубена. Тој додаде дека протестите се национален консензус против мафијата, корупцијата, поврзаноста на државата и медиумите и против поткопувањето на демократските институции и закони.