Бугарски аналитичари: Одлуката на Вселенската патријаршија е првиот и важен чекор за решавање на статусот на МПЦ

0

Признавањето на Охридската архиепископија е логичен и очекуван потег на Вселенската патријаршија, оценува професорот по политички науки на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“ Искрен Иванов, во изјава за дописникот на МИА од Софија. Според него, овој потег може да се толкува на два начина – дека вселенскиот патријарх е свесен оти Охридската архиепископија е целосно подготвена да стекне црковна независност, и дека тоа треба да се направи бидејќи историски Константинопол отсекогаш се однесувал благонаклоно кон желбата на оделни цркви да добијат томос штом тие биле подготвени да го добијат.

Примањето на Охридската архиепископија во канонско единство е чин со кој патријархот Вартоломеј се обидува да изгради и одбранбен ѕид против агресивната политика на Руската православна црква, која настојува да изврши духовна колонизација на Западен Балкан, вели Иванов.

На прашањето на МИА што значи одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј и дали претставува чекор кон автокефален статус, вонреден професор Костадин Нушев од Богословскиот факултет при софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, одговори дека одлуката на Вселенската патријаршија да го поништи „расколот“ наметнат на Македонската православна црква во 1967 година, кога таа еднострано се одвои од Српската црква прогласувајќи се за независна и автокефална, е чекор кон надминување на изолацијата и стекнување канонски статус, кој е неопходен за определување и воспоставување автокефален или друг статус.

Оваа одлука не претставува давање томос за автокефалност, но е прв чекор кон конечното признавање на канонското устројство и управување на МПЦ, што треба да се договори со СПЦ и дури потоа да се премине на доделување на томос.

Според доцент Нушев, се уште нема томос и се уште не е јасно од каде може да дојде, од Белград или од Цариград!? Од тоа, според него, најверојатно ќе зависи конечното определување на името на помесната православна црква во РС Македонија.