Бугарското МНР со протестна нота поради претепувањето на секретарот на бугарскиот културен клуб во Охрид: Има системско отсуство на адекватен одговор во РСМ

3

 

Нападот врз Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид во бугарските медиуми и кај десничарските политичари се толкува како обид за убиство, а со остра реакција и најава за протестна нота се јави и бугарското МНР.

-Амбасадорката на Република Северна Македонија во Бугарија ќе биде повикана во Министерството за надворешни работи и ќе и` биде врачена протестна нота во врска со тешкото кривично дело извршено над државјанин на Република Северна Македонија со бугарски идентитет и секретар на организацијата „Цар Борис III“ во градот Охрид. На 19.01.2023 година, граѓанинот бил нападнат, при што му се нанесени тешки физички повреди. Тој е примен во болница, соопшти МНР на Република Бугарија.

Оттаму додаваат дека министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, остварил телефонски разговор со својот колега од Република Северна Македонија, Бујар Османи, од кого добил уверување за потребната помош од локалните власти. Привремениот раководител на Генералниот конзулат на Република Бугарија во Битола и екипа од бугарската амбасада во Скопје се во контакт со повредениот државјанин и се испратени во Охрид.

-Бугарската држава со месеци упорно го потенцираше своето очекување властите во Северна Македонија да преземат итни и ефективни мерки против сериозната ескалација на злосторствата од омраза и манифестации против Бугарите во земјата. Бугарската страна сè уште нема добиено официјални информации за истрагата и спроведувањето на правдата во врска со последните напади, вклучително и пукање со огнено оружје, врз организацијата „Цар Борис III“ од крајот на 2022 година. За жал, нападот од 19 јануари 2023 година е показен пример за тешките последици од системското отсуство на адекватен одговор и посветеност од страна на Северна Македонија, вклучително и неможноста да ја исполни својата главна обврска – да ја гарантира безбедноста на сопствените граѓани, соопштува МНР.

Бугарија очекува надлежните органи во Северна Македонија да преземат итни активности за откривање, изведување пред лицето на правдата и казнување на сторителите на кривичното дело, имајќи ја во предвид сериозноста на делото.

-Плурализмот, недискриминацијата, толеранцијата и еднаквоста меѓу луѓето се универзални принципи кои ги врзуваат европските демократски општества. Очекуваме земјата која ја декларира својата желба да биде дел од Унијата заснована на слобода, демократија и владеење на правото, да вложи доследни и реални напори за исполнување на своите заложби поврзани со заштитата и гарантирањето на човековите права. За жал, последниве месеци сме сведоци на токму спротивните трендови во општеството на Северна Македонија. Постоењето на проблеми со правата на Бугарите во Северна Македонија не може да продолжи да се негира и од локалните власти и од меѓународните партнери. Очигледно, тоа само води кон нивно продлабочување и е неспоиво со членството во Европската Унија, соопшти бугарското МНР.

Бугарските политичари тепањето го оквалификуваа како обид за убистvo.

Инаку повредениот Пендиков, по нападот кој се случил синоќа околу 22 часот и 30 минути во Охрид е примен во охридската болница со тешки телесни, потврди СВР Охрид.

Нападот, според соопштението на МВР нападот го извршиле охриѓаните С.К., С.К. и И.С., а за настанот е известен јавен обвинител и СВР Охрид презема мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.

Во бугарските политички кругови се нагласува дека физичкиот напад врз 21-годишниот Пендиков претставува обид за убиство и се бара одговорност поради загрозеноста на Бугарите во Македонија, кои пак, доколку се постигне национален консензус би требало да бидат внесени во македонскиот Устав и земјата да продолжи по европскиот пат.

-Можноста да се дојде до физичка ликвидација на Бугарите во Северна Македонија е се пореална и запрепастувачка. Што чека бугарската држава?, праша лидерот на „Преродба“ Костадин Костадинов од говорницата на бугарското Народно собрание.

Тој рече дека по тепањето, Бугаринот отишол во полиција, но бил испратен во болница без полицијата да ја прифати неговата пријава.

-Сите европски институции продолжуваат да замижуваат пред антибугарската кампања во Северна Македонија. А за таква Македонија нема место во ЕУ, категоричен беше Костадинов кој заедно со европратеникот Ангел Џамбаски беше неодамна во Скопје на чествувањето на годишната од смртта на Мара Бунева, каде како што тврдат двајцата, добиле закани од локалните граѓани.

И Ангел Џамбаски преку Фејсбук реагираше на нападот врз секретарот на Бугарскиот културен клуб во Охрид и најави, како и Костадинов дека ќе ги алармира европските институции за овој напад.

-Брутален обид за убиство! Одвратен и подален напад на секретарот на Бугарскиот клуб во Охрид! Тоа е да си Бугарин во Македонија. Ако случајно си свесен Бугарин, со чиста совест, треба да се плашиш за својот живот за случајно да не наидеш на гнасните кукавици кои го извршија овој последователен чин на омраза. Соучесници во ова злосторство се скопските политичари и историчари кои со години проповедаа антибугаризам преку лаги и фалсификување. Очекувам итни реакции од надлежните од двете страни! Рано наутро ќе им сигнализирам на европските институции кои се и дел од виновниците за она што се случи вечерва, глумејќи слепи пред монструозните акти на омраза кон Бугарите во Македонија, напиша Џамбаски на Фејсбук.

Утрово европратеникот Андреј Ковачев зборуваше за нападот и соопшти дека за тоа побарал одговори од шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

-Тројца напаѓачи почнале да го удираат секретарот на бугарскиот културен клуб, го навредувале и му се заканувале дека ќе го убијат бидејќи е Бугарин и работи во културниот центар. Веднаш ги известив бугарското и македонското МНР. Контактирав со министерот за надворешни работи на РСМ, Бујар Османи и го повикав веднаш да се позанимава со случајот, а по половина час тој ми напиша дека сите тројца напаѓачи се идентификувани, изјави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за емисијата BulgariaOnAir.

Бугарскиот пратеник и лидер Костадин Костадинов нагласи дека Бугарија треба да го покрене ова прашање на состанокот на Советот на министри за надворешни работи на 23 јануари пред Џозеп Борел.

Претходно, лидерот на „Преродба“ на Фејсбук објави дека освен скршена вилица, секретарот на културниот клуб имал и повреда на мозокот.

„Синоќа од тројца напаѓачи брутално беше претепан потпретседателот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков, кој во моментов е во болница со скршена вилица, искршени заби и повреда на мозокот. Уште денеска ќе побараме сослушување од министерот за надворешни работи во парламентот, како и повикување на македонската амбасадорка и веднаш ги се информираат сите европски институции за терористичкиот акт. Не можеме само да стоиме и едноставно да го чекаме моментот, кога ќе ја прочитаме и веста за убиен Бугарин во Македонија“, напиша тој.