Бутиџиџ победи во Ајова, Бајден четврти

26

Пит Бутиџиџ тесно победи на демократските претседателски предизбори во Ајова, објави Демократската партија во четвртокот, по долгото одложување на објавувањето на резултатите од првиот натпревар во трката за избор на предизвикувач на републиканскиот претседател Доналд Трамп.

Бутиџиџ (38), умерен поранешен градоначалник на Саут Бенд, Индијана, освои 26,2 отсто од гласовите, а прогресивниот сенатор Сандерс 26,1 отсто. Сандерс претходно тврдеше дека тој победил со околу 6.000 гласови предност.

Сенаторката Елизабет Ворен заврши на трето место со 18 отсто, додека поранешниот потпретседател Џо Бајден заврши на разочарувачкото четврто место со 15,8 отсто и сенаторката Ејми Клобакар на петтото со 12,3 отсто од гласовите.

Ваквите резултати би можеле трката за демократската претседателска номинација да ја направат уште понеизвесна и да ги зајакнат сомнежите за политичката иднина на Бајден, за кого досега се сметало дека е водечки кандидат.

Демократите од Ајова во понеделникот вечер излегле во 1.600 училишта, социјални центри и други јавни места за да одлучат помеѓу 11 кандидати во демократската трка.

Резултатите од предизборите во Ајова во голема мера се засенети со технички и организациски проблеми при спроведување на изборите и броењето на гласовите, а партиските функционери за виновници ја посочија новата мобилна апликација за броење гласови.

Претседателот на Демократскиот национален комитет Том Перез во четвртокот повика на ревизија на резултатите од гласањето во Ајова, откако техничките пропусти ја довеле во прашање нивната точност.

„Сакам да бидам сигурен дека секој гласач во Ајова знае дека неговиот глас се брои“, рече Перез во интервју за Ем-ес-ен-би-си.

Сепак, додаде тој, ревизијата е малку веројатно дека ќе го промени составот на делегатите од Ајова на Демократската национална конвенција.

Лидерот на Демократската партија во Ајова, Трој Прајс изјави дека партијата не планира да започне ревизија, туку ќе го стори тоа само доколку некој кандидат го побара тоа.

Но, дури и пред да бидат објавени првите резултати во вторникот, демократските кандидати веќе ја напуштија Ајова и се посветени на следните избори за номинација, што ќе се одржат во Њу Хемпшир на 11 февруари