Бучковски: Ќе ги разгледаме бугарските коментари на нашиот Акциски план и ќе изградиме јасна позиција

17

Специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски, вели дека во претстојниот период нашата работна група ќе ги разгледа коментарите од Бугарија за предлог Акцискиот план предложен од македонска страна и ќе се изгради јасна позиција.

Тој во моментов се наоѓа во посета на Софија, каде вчера имаше средба со вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева која му даде Акциски план, за кој македонските власти рекоа дека е одговор на нашиот Акциски план.

Бучковски и Захариева вчера размениле идеи за продолжување на процесот за враќање на довербата меѓу двете земји.

„Мојата улога како специјален претставник на Северна Македонија произлегува од напорите на македонската Влада да постигне решение во билатералниот спор со Бугарија и со тоа да се отстранат пречките за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ“, вели Бучковски за МИА.

Тој потенцира дека во тој контекст, секоја негова службена комуникација на релација Скопје – Софија е во функција на предложениот Акциски план од наша страна кој содржи конкретни чекори во делот за поврзување преку Коридорот 8, соработката во образованието, во енергетиката, културата, економијата, информатичкото општество.

„Сето тоа треба да создаде доверба меѓу владите и државите, помеѓу народите меѓу двете држави. Без разлика на интензитетот на мои патувања и средби, очигледен е интересот на двете страни да не се дозволи замрзнување на односите или комуницирање само преку медиуми или преку посредници. Нашата блискост како два народи и две држави со заеднички моменти од минатото и заеднички погледи кон историјата нè упатува и двете страни да преземаме чекори до наоѓање решение, а ваквите работни средби се токму чекор напред кон решение“, нагласува Бучковски во изјавата.

Бугарското МНР вчера соопшти дека Бугарија предложи акциски план за соработка со Република Северна Македонија во спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и оти документ, се однесува на сите ресорни министерства, а се очекува да биде потпишан на претстојниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија (согласно член 12 од Договорот).

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, вчера во интервју на Телма ТВ појасни дека тоа што вчера го добиле како одговор од Бугарија е всушност нивно гледање на нашиот Акциски план, односно размена на идеи по однос на тој план.

Акцискиот план, како што посочи тој, го предложил на неговата прва посета во Софија како начин да се воспостави прецизна агенда помеѓу линиските министерства во нивната соработка за потоа да го предложат како конкретен план на задачи и активности откако направиле внатрешна координација со сите министерства за сите проекти кои се во тек, се закочени или се планираат.

„Бевме договорени дека Република Бугарија ќе одговори на тој наш акциски план. Јас имав комуникација минатата недела со министерката за надворешни работи Захариева и бев во очекување на нивниот одговор“, рече Османи.