Буштур испратен со громогласен аплауз

16

Со минута молчење пред почетокот и со громогласен аплауз на крајот помина комеморацијата во чест на легендата на македонската кошарка, Благоја Георгиевски-Буштур, кој трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа во скопската населба Кисела Вода.

На комеморацијата беа присустни и голем број негови поранешни соиграчи, пријатели, но и почитувачи на неговиот кошаркарски и животен пат. Меѓу присустните беа неговиот кошаркарски татко, лазар Лечиќ и еден од најголемите тренери во регионот, Богдан Тањевиќ.

– Тој беше великан, спортист за пример, но мислам дека во моментот кога реши да ја заврши кариерата, луѓето во Македонија, во спортот во државата не знаеја да го искористат неговиот капацитет. Да го направат амбасадор на спортот, рамо до рамо со оние со кои со успех настапуваше.

Но, Буштур го надмина тоа. Беше во некои управни одбори, се посвети максимално, но во еден момент почувствува дека се трга од тој свет. Како да беше отфрлен, затоа се посвети на нешто кое беше негова најголема љубов во последниот период, риболовот – зборуваше неговиот голем пријател, актерот Ѓокица Лукаревски.

Беше отворена и книга на жалоста, а погребот на Буштур ќе се одржи утре точно на пладне.