Вакцинацијата почнува од среда, прво со здравствените работници

11

Првите вакцини од компанијата Фајзер, кои Македонија ги набави преку Србија, денеска пристигнаа во земјава, а министерот за здравство Венко Филипче изрази благодарност што северниот сосед отстапил дел од нивните вакцини. На граничниот премин Табановце, пратката од 4680 вакцини ја прими македонскиот премиер Зоран Заев од српската делегација која ја предводеше претседателот Александар Вучиќ. Вкупната количина која треба да ја добие земјава од Србија е 8000 вакцини.

„Вакцините се денеска во нашата земја. Во текот на утрешниот ден ќе се заврши регуларната процедура во Агенцијата за лекови, после што вакцинацијата ќе започне во среда со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје“, рече Филипче на прес конференцијата на граничниот премин Табановце.

Вакцинацијата ќе се одвива во три фази согласно утврдениот Национален план за имунизација на населението, информираше министерот. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.

Инаку интерес за вакцинирање во земјава преку онлајн апликацијата до вчера имаа иразено над 40000 граѓани, а преку матичните лекари за вакцинирање се пријавени 12 652 лица. Покрај оваа пратка се очекува и испорака на 200 илјади дози вакцини од Кина, за кои е потпишан договор во понеделникот.