Вакцинирани 71,3 отсто од полнолетните Грци, на северот од земјата со мобилни единици ќе се зголемува процентот на вакцинација

3

Поради малата имунизациска покриеност во северна Грција и за да се зголеми процентот на вакцинација, мобилни единици на Националната организација за јавно здравје, од денеска започнуваат имунизација во оддалечените места на северот од земјата и до четврток ќе бидат опфатени 48 села, јави дописничката на МИА од Атина.

Во северна Грција ќе биде и генералниот секретар од Министерството за здравство Мариос Темистоклеус „во рамките на напорите за зголемување на процентот на вакцинација и со цел да се зајакне колективниот имунитет“.

Од полнолетното население во земјата, целосно се вакцинирани 71,3 отсто, прва доза примиле 79,9 проценти, а аплицирани се вкупно 12.420.000 дози.

Во Грција веќе е отворена платформата за закажување термин за вакцинација со трета доза на лицата над 50 години и доколку поминале шест месеци од ревакцинацијата, а досега се вакцинирани 120.000 граѓани.

Трета доза од вакцината, во текот на денешниот ден, ќе прими грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.