Вардарова пролетна офанзива кон тронот: Со инает и сплотеност ќе маршираат за титула!

18

Најтрофејниот македонски клуб Вардар со зимницата од осум бода како лидер во Првата лига, ќе ја отвори денеска пролетната полусезона во домашната елита (14 часот, Арена „Тодор Проески“) со скопската пресметка против Македонија ЃП, со што црвено-црните ќе ја започнат офанзивата кон шампионската круна која две години оди кај најлутиот ривал Шкендија во Тетово.

Во моменти кога Вардар преживува тешка финансиска криза, кога ракометниот клуб како европски првак полека се распаѓа со егзодусот на ракометари, фудбалерите како и есеноска ќе се обидат да ја продолжат бајката и со инаетот и сплотеноста да ја остават беспарицата и проблемите настрана за да се изборат за победнички старт и почеток на еден шампионски марш кон 11-та титула во независна Македонија.

Вардар го задржа комплениот тим, од кој во однос на есеноска го нема само младинскиот репрезентативен стопер Никола Серафимов, па повторно сиот квалитет на полетните црвено-црни ќе се врти околу креативноста и головите на првата ѕвезда Даниел Аврамовски, стабилниот среден ред со Дарко Мицевски и Али Адем, цврстата дефанзива во тројка на Тошевски-Најдовски/Младеновски – Новак, брзите продори на бековите-крила Жуниор и Владица Брдаровски, на мотивацијата и желбата на младите Цветановски, Попзлатанов, на итроста на Ибиши…

Вардар за шест месеци е позрел, повоигран, би требало да биде посигурен, но за разлика од есеноска црвено-црните сега ќе ги чека двојно потешка задача, зашто секој противник против нив од денеска до мај ќе игра и со 200 отсто од силите. Во Вардар пред сезоната никој не веруваше, но се случи чудо, а за тоа чудо да биде комплетно ќе мора таа стабилност, инает, самодоверба и сплотеност да ги води од меч во меч, да ги крева по секој евентуален неуспех.

За почеток црвено-црните имаат желба за одмазда, зашто есеноска Македонија ЃП од два меча освои пет бода со македонската гордост, па сега победнички почеток би бил добредојден за лидерот, за уште повеќе да направи притосок кон својот најголем ривал Шкендија, која тргнува со тешко гостување во „суперкуп пресметка“ против Академија Пандев во Струмица, клубот кој двапати ги победија тетовци во првиот дел од сезоната.

Зимскиот преоден рок во Македонија повторно мина без „бомби“, со големи реекипирања на тимовите, па пролетва ќе покаже кој погодил, а кој утнал во зимскиот пазар и дали целите на деветте прволигаши (Вардар има забрана за трансфери) се остварени. Пред сè тоа важи за Шкендија, како актуелен шампион, која ја брка негативата од осум бода во однос на Вардар. Дали заминувањата на Бејтулаи и Жуниор, кои беа и тоа како важни алки ќе се почувствува или Ктивак, Далку, Ахмеди, Нето, Ес Сахел ќе бидат вистински погодоци ќе покажат овие 18 кола во вториот дел од полусезоната. За почеток, тетовци се под притисок дека со секој можен кикс, ќе го туркаат Вардар чекор понапред кон шампионскиот трофеј, а дали реновираниот тим има доволен квалитет за почеток ќе покаже дербито со Пандевци.

Академците исто како и Шкендија направија реконструкција, пред се донесоа искуство со Гранчов, Најденов, Цикарски, странците Мујеци и Басрак на сметка на младите сили како Атанаскоски, Маневски, Денковски, Крстовски кои си заминаа. Пандевци од сенка ќе чекаат киксови за евентуално да се замешаат и за шампионската трка, иако одбрана на Купот и излез во Европа им се приоритет и за пролетва.

Македонија ЃП и Струга Трим Лум се освежија за да имаат уште покомпактен тим, па се очекува и пролетва за секого да бидат „тврд орев“, Силекс донесе неколку новајлии, но останува прашањето дали заминувањата на Дурански, Коцев, Додев ќе бидат проблематични, откако кратовци есеноска беа вистински хит, па стигнаа до четвртото место на табелата.

Шкупи и Работнички најмногу пазареа, создаваа нови тимови, со кои чаирчани ќе бркаат Европа, а дебармаалци излез од дното. За Работнички ангажманот на искусниот Ратко Достаниќ и девет нови фудбалери треба да го врати сјајот на „романтичарите“ и да се извлечат од последната позиција, а трет преоден рок тие прават темелна реконструкција на тимот, откако комплетно го утнаа проектот за изградба на тим од пролетта лани, преку есенската полусезона.

Работнички за почеток има сериозен испит, гостува кај незгодната Струга и тој меч ќе покаже дали дебармаалци се на вистинскиот правец да се извлечат од незгодната позиција во која западнаа по првиот дел од сезоната.

Ренова сотрена од низа повреди и со мал пазар сега станува кандидат и за испаѓање, иако „гипсарите“ секогаш биле незгодни, баш кога ќе се потценат. Истото важи и за Борец, кој се засили, но остана и без неколку важни играчи, но останува екипа која грчевито ќе се бори за опстанок. Велешани есеноска дома беа непобедливи, но слаби на гости, па сега ќе мора да се потрудат повеќе на другите терени низ земјава да освојуваат бодови, ако сакаат да останат прволигаши. Борец му гостува на Шкупи в недела од 14 часот, а Ренова е домаќин на Силекс.

ПРВА ЛИГА, 19-ТО КОЛО

ДЕНЕСКА

Вардар – Македонија ЃП (14 часот)

УТРЕ

Академија Пандев – Шкендија (13 часот)

Шкупи – Борец (14 часот)

Струга Трим Лум – Работнички (14 часот)

Ренова – Силекс (14 часот)

ТАБЕЛА: Вардар 36 бода, Шкендија 28, А. Пандев 27, Силекс 27, Македонија ЃП 26, Струга Трим Лум 24, Шкупи 22, Борец 20, Ренова 19, Работнички 15.