Вархеји денеска во Скопје: Ќе има средби со државниот врв и ќе се обрати во Собранието

10

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска ќе престојува во земјава и ќе има средби со државниот врв.

Како што е најавено, во неговата агенда прва е средбата со премиерот Зоран Заев и со членови на Владата. По билатералната средба и свечената седница на Владата, Заев и Вархеји ќе одржат прес-конференција.

Предвидено е еврокомесарот за проширување и добрососедство да се сретне и со претседателот на Собранието Талат Џафер и да има обраќање пред пратениците во законодавниот дом.

Најавен е и работен ручек на Вархеји со претседателот на државата Стево Пендаровски.

За време на престојот во земјава, еврокомесарот ќе се сретне и со лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Вархеји доаѓа во Скопје откако вчера беше објавен извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата на патот кон ЕУ, како и економскиот план за Западен Балкан. По тој повод тој вчера во Брисел одржа и прес-конференција од каде порача дека целта на Европската комисија и на германското претседателство е првата меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи до крајот на 2020 година.