Вархеји ја претстави новата методологија: Се надевам дека на Самитот во Загреб ќе се отворат преговорите со Северна Македонија

13

Европската комисија ја усвои новата методологија за проширување, која се однесува на Западен Балкан. На прес-конференција, комесарот за проширување, Оливер Вархеји рече дека основната цел на ЕУ останува иста, односно проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан.

„Проширувањето на Европската унија во Западен Балкан е врвен приоритет на Комисијата. Работиме на три патеки: Прво, денес предлагаме конкретни чекори за тоа како да се подобри процесот на пристапување. Додека ние го зајакнуваме и го подобруваме процесот, целта останува пристапување и полноправно членство во ЕУ. Второ, и паралелно, Комисијата цврсто стои на своите препораки за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија и наскоро ќе обезбеди ажурирање за напредокот постигнат од овие две земји. Трето, во рамките на подготовките на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб во мај, Комисијата ќе излезе со план за економски и развој на инвестициите за регионот “ изјави Верхели.

Тој нагласи дека овие преговори ќе бидат посеопфатни, но ќе се овозможи да се движат побрзо ако испорачуваат побрзо. Рече дека се надева дека на Самитот во Загреб ќе се отворат преговорите со Северна Македонија и Албанија, дека сите земји-членки ќе дадат зелено светло.

„По комуникето ќе дојде ревидирана анализа на кандидатурата на Северна Македонија и Албанија. Се надевам дека ќе го забрзаме процесот за да добиеме отворање на преговорите со тие две земји на Самитот во Загреб. Планот е дека би сакале да имаме експерти од земјите-членки заедно со нашите експерти кои би оделе на терен и би го гледале напредокот на земјите. Мислам дека ни недостасува оваа доверба, мора да се создаде и спремни сме да се заложиме за тоа. Суспензијата на фондовите е нешто што ќе продолжиме да го користиме, спремни сме за тоа ако затреба. Ќе бидеме пропорционални за неиспорачувањето и уназадувањето“, истакна Вархеји.

Процесот на пристапување треба да се заснова на доверба, меѓусебна самодоверба и јасни заложби на Европската унија и Западен Балкан, додаде Вархеји. Кредибилитетот, како што рече тој, треба да се зајакне преку уште посилен фокус на основните реформи, почнувајќи од владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и јавната администрација, како и економијата на земјите-кандидатки.

Дополнително, како дел од санкциите за земјите кои би покажале назадување во одредени области, односно не испорачуваат резултати, се предвидува укинување на дел од фондовите.