Васил Димишков сведочи во „Рекет“: Мислам дека Камчеви сакаа да ме искористат

211

На судењето во судскиот процес „Рекет“ денеска сведочи адвокатот Васил Димишков. Дали познавате лице Владимир Ефтимовски, го праша адвокатот Дуковски сведокот Димишков кој рече дека станува збор за директор на Стопанска банка Битола со кого имал контакти како и со сите негови клиенти како адвокат.

– Во летото 2018 година банката имаше предмет за еден клиент кој не сакал да врати кредит. Во тоа време директорот ми рече дека за предметот со мене сакал да се види Камчев и потоа ми рече да појдам во неговите канцеларии во комплексот Систина. Ме спроведоа до канцеларијата, дојде Камчев, разговаравме, па ми покажа документи и видов дека беа наредби и имаше една наредба на која го пишуваше името на судијката Весна Димишкова која ми е сестра. Бев изненаден зошто очекував да зборуваме за друго. Тој ми рече дека сака да ме вклучи во неговиот тим адвокати. Потоа ми рече да му оставам два – три дена, па пак да се видиме. Не ме повика потоа, ниту се јави, на тоа заврши се – рече сведокот Димишков.

Тој додаде дека откако бил определен притвор, наредните денови се јавувале пријатели и роднини кои на кафе му кажувале дека се роднини на Камчев и го прашувале што може тука да се помогне.

– Меѓу нив беше и Зоран Милевски кој инсистираше на повторни средби иако му кажав дека ништо не можам да помогнам. Тој во една прилика направи средба и со сопругата на Камчев, колешката Ана Камчева. Кога се сретнавме со неа ми објасни дека имаат намера да го зголемат тимот на адвокати, вештаци и други лица за одбраната и ми рече дека планираат да ме ангажираат и мене. Им кажав дека тоа што го бараат од мене не може да се оствари за таков краток период. Мислам дека Камчева која ми е колешка ме сфати и се согласи со мене дека не е можно тоа да се направи за тој краток период – рече Димишков и додаде дека средбата завршила со заклучок тој да направи свои пресметки колку би чинел неговиот ангажман.

– По неколку дена направив пресметки но мислам дека ги прозрев нивните намери, мислам дека тие сакаа да ме искористат, да ме ангажираат затоа што ако ме ангажираат мене, тогаш по сила на законот, мојата сестра која тогаш беше судија во претходна постапка ќе биде иземена од предметот. Кога се видовме со Милевски му кажав сума која знаев дека нема да биде прифатлива, откако му ја кажав сумата на Милевски, тогаш никој ниту ми се јави, ниту ме побара – сведочи адвокатот Димишков.

На прашање дали го познава Бојан Јовановски, адвокатот Димишков објасни дека се видел со Боки поради негов ангажман како адвокат на „Меѓународниот сојуз“.

– Потоа се отвори 1 ТВ и околу телевизијата имаше некои работи поради кои се среќававме – рече Димишков.

Дали во тие средби Јовановски спомнал име на некој обвинител, праша Дуковски. дали сте слушнале пред вас Јовановски да го спомене името на Катица Јанева на ова Димишков одговори со „не сум слушнал“.