Ваучерите за домашен туризам може да се искористат до утре

35

Министерството за економија денеска преку соопштение ги потсетува граѓаните дека крајниот рок за искористување на ваучерите за туризам е утре, 15 декември 2020 година.

На овој датум ќе биде затворена платформата „Дома си е дома“ преку која се реализираше мерката ваучери за домашен туризам.

„Гостите коишто користат ваучер за домашен туризам ќе треба да бидат одјавени од сместувачките капацитети најдоцна до 15.12. 2020 година, додека хотелиерите коишто имаат гости со вакви ваучери за туризам ќе треба најдоцна до 18.12.2020 година до Министерството за економија да достават фактури за плаќање, по што до крајот на годината ќе им бидат исплатени средствата од искористените ваучери“, се вели во соопштението.

Според статистиката на Министерството, заклучно со денешниот ден, искористени се 61 648 ваучери за домашен туризам.

Со мерката ваучери за домашен туризам во вредност од 6 000 денари, која е дел од третиот сет мерки на Владата за справување со последиците предизвикани од пандемијата, беа поделени 117 531 ваучер за домашен туризам на сите вработени граѓани кои во периодот од јануари до април 2020 година не оствариле вкупни нето- приходи од плата и надоместоци од плата не поголеми од 60 000 денари според податоците од Управата за јавни приходи.

Ваучерите за туризам се користеа во домашните туристички објекти кои беа регистрирани на платформата „Дома си е дома“.