„Вашингтон пост“: Русија ја уништува украинската економија

3

Во Националната банка на Украина минатата седмица се одржал состанок зад затворени врати на кој украинските власти биле информирани за новите предвидувања по однос последиците од војната по националната економија, со предупредувања за можни дополнителни негативни ефекти врз и онака опустошеното стопанство, пишува весникот „Вашингтон пост“.

Веќе два месеци критичната инфраструктура на Украина е цел на ракетни и напади со беспилотни летала, а висината на штетите ги надмина претходните прогнози. Уште пред тие напади пресметките на украинските власти покажаа дека на Киев следната година ќе му треба странска помош од најмалку 55 милијарди долари за да ги покрие основните трошоци.

Меѓутоа, со оглед на тоа што енергетските системи на Украина се сериозно оштетени, а имајќи предвид дека се веројатни дополнителни руски напади, некои официјални лица веруваат дека потребата за средства нагло ќе се зголеми.

На минатонеделниот состанок претставниците на Украинската централна банка разговарале за тоа какви сценарија би можеле да се развијат доколку се интензивираат руските напади. Според нив, би можело да дојде до масовен егзодус на луѓе од Украина, а тие луѓе секако со себе би ги понеле и средствата што ги имаат. Тоа би довело до колапс на украинската национална валута, бидејќи оние што бегаат ќе се обидат да ги заменат своите гривни за евра или долари, забележува „Вашингтон пост“.

Друга опасност што ја перцепираат претставниците на Централната банка е ризикот дека украинската Влада ќе остане без меѓународните девизни резерви. Ако тоа се случи, Владата повеќе нема да може да плаќа за увезените стоки и неодложните услуги и ќе престане да ги исполнува обврските за покривање на надворешниот долг – сценарио познато како „валутна криза“.

Неименуван извори на „Вашингтон пост“, запознаен со извештајот на претставниците на Украинската централна банка, посочил дека според едно од најлошите сценарија, економијата на Украина следната година би можела да се намали за уште пет проценти (оваа година таа се намали за 33 проценти).

Падот на економијата следната година може да достигне и девет проценти, а се зависи од интензитетот и тежината на руските напади, изјави вчера украинскиот премиер Денис Шмигал на меѓународната донаторска конференција за Украина во Париз.