Ветеринарната комора и МСАВА остро го осудуваат убивањето и труењето на бездомните кучиња и бараат системско решавање на проблемот

6

Ветеринарната комора, заедно со Здружението на доктори по ветеринарна медицина во мала пракса на Македонија (МСАВА) реагираат на зачестените постапки на убивање и труење на бездомни кучиња.

– Имајќи разбирање за вознемиреноста на граѓаните, особено за оние, кои биле жртви на каснување од бездомни кучиња, ветеринарите потенцираат дека неодговорното и нехумано однесување, не само што воопшто нема да го реши проблемот, туку создава непотребна општествена поларизација, стои во нивната реакција.

Според нив, немилите настани кои длабоко ја сензибилизираат јавноста треба да бидат повод за отпочнување со системско и сеопфатно решавање на проблемот со бездомните животни (кучиња и мачки) на ниво на цела држава.

– Уште еднаш, како професија, која има примарна мисија преку заштита на здравјето на животните да го штити човековото здравје, потенцираме дека е крајно време со системски и сеопфатен општествен пристап, на институциите и на граѓанскиот сектор, да почнеме со суштинско решавање на проблемите на ниво на цела држава, да ги оставиме во минатото ужасните сцени на повредени луѓе и отруени и убиени животни и да се придружиме на друштвото на цивилизирани народи, каде безбедноста на граѓаните и правата на животните не се контрадикторни, туку одат рамо до рамо, стои во реакцијата од Ветеринарната комора.

Како дел од конкретните чекори за делување од Комората ги издвојуваат сеопфатна-обврзна индентификација и регистрација на сите домашни миленици (чипирање на кучињата и мачките) и создавање опсежна база на податоци во електронскиот систем на АХВ на ниво на цела држава, стриктна примена на прописите со кои се регулираат третманот и постапките со бездомните животни од страна на општините и изнаоѓање одржливи модели со кои трајно се решава проблемот со бездомните кучиња, како и стриктна примена на законската регулатива за контрола на популацијата на миленици, преку која би се спречило создавање нова популација на бездомни кучиња.