ВИДЕО: Барселона демонстрира моќ, му даде шест гола на Интер Мајами

2

Барселона со импресивна победа ги започна пријателските натпревари на турнејата во САД пред почетокот на новата сезона и во Форт Лодердејл и со 6:0 го совлада Интер Мајами.

Каталонците одиграа две подеднакви полувремиња во кои постигнаа по три гола, а херој на натпреварот беше засилувањето од Лидс, Рафиња кој постигна еден гол и асистираше два пати.

Рафиња прво му асистираше на Обамејанг кој го отвори резултатот, а во 25 минута Бразилецот зголеми на 2:0. Во финишот од првиот дел, Рафиња му асистираше на Ансу Фати за убедливи 3:0.

Во второто полувреме, тренерот Чави Ернандез на теренот излезе со нова постава која исто така даде три гола. Прво Гави во 55 минута погоди по асистенцијата на Мемфис Депај, а потоа токму Холанѓанецот во 69 минута се запиша во листата на стрелци.
Конечниот резултат го постави Осман Дембеле во 70 минута.

Ова беше трет натпревар за Барселона во претсезоната, претходно славеа со 3:2 над Ол-стра екипата на австралиското првенство и ремизираа 1:1 со петолигашот Олот. На турнејата во САД, Барселона ќе одигра уште четири натпревари и тоа против Реал Мадрид, Јувентус, Салцбург и УНАМ Пумас.