ВИДЕО | Македонски државјани се споменуваат во случајот со убиството во Чикаго, повредената девојка е од Скопје!?

17

Во текст кој пред два часа е објавен на порталот „Serbian Times“ се објавуваат нови детали за вчерашното убиство на Србинот Никола Мишовиќ (30) во предградието Бур Риџ во Чикаго, при што и напаѓачот Џереми Спајсер (31) од Арканзас се самоубил, а една девојка е повредена и згрижена во болница.

Порталот се повикува на изјави од сведоци кои присуствувале на местото во моментот на убиството кои тврдат дека „мотивите за злосторството биле етничка омраза“.

Имено, убиецот ден пред убиството се вработил во фирмата на сега убиениот Никола Мишовиќ, „>Winners Freight“, а пред тоа работел како возач во фирмата „Форс“, чиј сопственик е Македонец и која се наоѓа во истата зграда.

Меѓутоа, поради многуте Срби кои ги среќавал во зградата, тој бил убеден дека фирмата е српска, а пред да пука во Никола викал по ходниците „Мразам Срби! Сите вие сте иста го**а“, пишува порталот повикувајќи се на изјави на сведоци кои биле во зградата за време на убиството.

Убиецот тој ден многу чудно се однесувал и во комуникацијата со колегите зборувал многу лоши работи за Србите, по што го паркирал камионот и упаднал во канцеларијата. Откако го убил Мишовиќ, тој не запрел, туку крвавиот пир го продолжил во компанијата „Форс“ од каде претходно е отпуштен и таму пукал во девојката која моментално е во болница.

Според порталот, повредената девојка (31) е од Северна Македонија и била погодена со три куршуми – во нога, рамо и рака. Таа е итно оперирана, лекарите успеале да ѝ ја спасат ногата, а и престои и операција на раката и лекување од психичките трауми. Таа, според порталот по потекло е Србинка од Скопје.

Инаку веднаш по пукањето, убиецот Џереми Спајсер побегнал од местото, но полицијата која го блокирала целиот кварт успеала да го пронајде во блиската уличка Медисон. Тој бил опколен и повикан да се предаде, но пред очите на полицајците се застрелал во главата.

Порталот објави дека животот на младото момче од Крагуевац би можелo да биде спасенo ако побрзо реагирала итната служба. Имено, амбулантното возило стигнало на местото 35 минути по пукањето, а момчето починало подоцна во болница.

Американските медиуми не излегоа со толку детали за убиството во Чикаго. Дури и за девојката објавија дека не знаат точно во каква здравствена состојба е, туку само информираа дека е пренесена на лекување во болница и дека не е критично повредена. Нејзиниот идентитет не беше споменат, туку само дека нејзината изјава би можело да ги разјасни случувањата во транспорната компанија во Бур Риџ.