(Видео) Македонско-јапонско дуо наградено во Токио

22

Mузичкиот проект на македонско-јапонското пијано дуо Асами Сате и Ема Попивода e награден помеѓу 20.000 пријавени проекти од градската управа на Град Токио за најуспешен проект. Композицијата за две пијана „Дали паметиш Милице“ од циклусот „Ноктурна оп. 52 б“ на македонскиот композитор Димитрије Бужаровски е снимена онлајн за време на карантинот.


Видеото е инспирирано од архитектот Кензо Танге, кој на некој начин ги поврзува Скопје и Токио, и содржи снимки од двата града, макети и планови за изградба на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Кензо Танге работел на планот за изградба на Скопје по земјотресот, а Градскиот ѕид, железничката станица во Скопје, Македонската опера и балет и многу други објекти се дел од архитектурата на новото Скопје. Тој ги изградил и зградата на владата на Токио и стадионот „Јојоги“ во Токио, објекти што и денес се едни од најзначајните во јапонската архитектура.

Видеото го монтира Милан Тоциновски, а продуцент е Давор Попивода.

Пијанистиките Асами Сате и Ема Попивода соработуваат од 2016 година. И двете имаат интернационални кариери како солисти. Сате студирала и магистрирала во Јапонија и во САД, но работи и како продуцент за развој на глобални активности во Токио. Попивода е доктор на музички науки, професор по пијано на Музичката академија во Штип и активна пијанистка со многубројни настапи во Европа, САД и Азија.

Видеото допре до милиони гледачи во Азија и е одлична промоција на македонската музика, фолклор и на градот Скопје.