(Видео) Напаѓачот во Лондон само што излегол од затвор поради тероризам

5

Напаѓачот кој во јужниот дел на Лондон нападна и прободе две лица, по што беше убиен од полицијата, е идентификуван како Судеш Аман, 20-годишник кој бил пуштен од затвор во јануари откако ја отслужил половина од казната за дела поврзани со тероризам, јави Би-би-си.

Аман издржувал казна од 3,4 години и бил под активен полициски надзор во моментот кога бил изврпен нападот. Во ноември 2018 година, Аман се изјаснил за виновен по обвиненијата дека поседува документи кои содржат терористички информации и дека ширел терористички публикации. Еден од прирачниците што го поседувал бил насловен „Крвави бразилски техники за напад со нож“.

Британската полиција објави дека напаѓачот имал лажна експлозивна направа прикачена на телото.

„Уредот беше залепен на телото на осомничениот поради што беа повикани експерти. Кордони беа распоредени и наскоро откривме дека станува збор за лажен уред“, рече Луси Д’Орси од лондонската полиција. „Инцидентот беше веднаш пријавен како терористички и се верува дека е поврзан со исламистиет“, рече таа.

Истрагата ја води полицискиот оддел за борба против тероризам.

Тројца се повредени, од кои двајца се прободени со нож, а еден е во сериозна состојба. Трето лице се здобило со повреди од стакло коешто експлодирало кога полицијата почнала да пука.

Британскиот премиер Борис Џонсон порача на Твитер: „Благодарност на сите служби за итни случаи кои навремено реагираа на овој инцидент, кој беше прогласен за терористички акт од страна на полицијата.Мислите ми се со оние кои се повредени“, додаде тој.

Нападот следува два месеца откако полицијата застрела џихадистички терорист кој на Лондонскиот мост избоде две лица.