ВИДЕО: Пандев двапати ја тресеше холандската мрежа, нека биде така и во Амстердам!

16

Денеска најдобрата македонска репрезентација го завршува настапот на Европското првенство, од 18.00 часот во Амстердам во рамките од третото коло во групата „Ц“ ќе игра против фаворитот Холандија.

Овој меч ќе биде посебен и за капитенот Горан Пандев кој најави вчера дека дуелот со „лалињата“ во „Јохан Кројф“ Арената ќе биде негов последен во дресот на нашата сениорска селекција.

Македонија и Холандија досега четири пати се сретнале, двапати ремизиравме, а двапати загубивме.

Во квалификациите за Светското првенство 2006, на 9 октомври 2004 година во Скопје одигравме реми 2:2.

Вилфред Баума во 42 минута им донесе водство на Холанѓаните, само три минути подоцна израмни Пандев. Во 65 минута Дирк Кајт ја врати предноста на гостите, но Ацо Стојков во 71 минута по асистенцијата на Пандев го постави конечниот епилог. На возвратната пресметка во Амстердам во тогашната „Амстердам Арена“, сега „Јохан Кројф“ одигравме без голови (0:0) на 12 октомври 2005 година.

Во квалификациите за Светското првенство 2010, во Скопје на 10 септември 2008 година загубивме со 1:2, Џон Гијсберт Алан Хејтинга (46`) и Рафаел ван дер Ваарт (59`) ги постигнаа головите за Холандија, а ние само го ублаживме поразот од пенал во 77 минута кој го реализираше Пандев.

На возвратниот дуел на 1 април 2009 година повторно во тогашната „Амстердам Арена“, Холанѓаните славеа убедливо со 4:0, два гола имаше Кајт, а по еден Ван дер Ваарт и Клаас-Јан Хунтелар.