ВИДЕО: Пратеничка од СДСМ во скафандер и Брза помош дојде во Собрание

115

Еден час пред почетокот на двете седници кои се закажани во законодавниот дом. Пратеничка од СДСМ со возило на Брза помош пристигна во Собранието, бидејќи за една од седниците, Власта нема кворум за гласање.

Од пратеничката група на СДСМ велат дека нивната колешка е целосно заштитена иако е позитивна на коронавиурс.

-Пристигнувам во Собранието, со целосна заштитна КОВИД-19 опрема, за да учествувам на денешната седница на која ќе ги усвоиме законите кои обезбедуваат финансиска помош за илјадници граѓани и компании. Позитивна сум на КОВИД-19, но добро се чувствувам, со силна одлучност денес да победи народот, пишува Костадиновска-Стојчевска.

Пратеничката нагласува дека нема да дозволи уцени и дека нејзина должност како пратеничка е постојана и благородна.

-И здрава и болна, имам обврска да направам сѐ граѓаните да ја добијат помошта која Владата ја обезбеди за нив. А, ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата можат и понатаму да прават сѐ што намериле против народот – но џабе им е, денес ќе ја завршиме работата. Граѓаните ќе победат и уште еднаш ќе видат колкава разлика има меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ односно меѓу тоа да правиш се за народот и да правиш се против народот, објави Костадиновска-Стојчевска.

Во Собранието денеска би требало да бидат изгласани законите од петтиот антикризен пакет со што тој треба да стане функционален. На веб страницата на Собранието во 14:15 часот е закажана 36. пленарна седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, а претходно во 14 часот е закажана 32. седница.

Видеото погледнете го тука.