(Видео) Случајот „Еразмус“ се враќа на почеток, поротник оди на работа во Германија

3

Промена на Судечкиот совет, односно заминување на поротник на работа во Германија, го врати случајот “Еразмус” на почеток. Заминувањето на поротникот ќе влијае врз процесот, посочи судијата Владимир Туфегџиќ, и побара согласност од обвинетите на следното рочиште да бидат исчитани сите докази, а да не се изведуваат. “Еразмус” требаше да има пресуда на почеток од февруари, а сега, на тој датум ќе почне од почеток.

“Еден од членовите на судиите поротници го извеси претседателот дека најдоцна за седум дена нема да биде во Македонија во период до јули 2020 година бидејќи има работна виза во Р. Македонија каде треба да отпочне да работи. Ваквата состојба советот смета дека влијае врз постапката врз процесен карактер. Од тие причини, советот ќе се обрати до претседателот на Кривичниот суд за определување на нов судија поротник за да продолжи постапката, бидејќи советот цени оти во рок од 7 дена за кои е најавено заменување нема услови за давање на завршни зборови, а потоа е потребно и доволно време на судечкиот совет за анализа на доказите. Рокот од 7 дена е прекраток за постапување, имајќи го в предвид предметот”, посочи судијата Владимир Туфегџиќ.

Тој побара странките по скратена постапка да се исчитаат сите докази предложени од Обвинителството и обвинетите, за да не се одолговрекува процесот.

“Поради овие причини, бараме странките и бранителите да кажат дали со промената на Судечкиот совет, постои согласност со читање да се изведат сите докази и во таа смисла, тие треба да кажат поединечно”, посочи судијата Туфегџиќ.

Адвокатот на првообвинетиот Бобек Шуклев побара пауза за да се договори со неговиот клиент околу новонастаната ситуација. Рочиштето е од тек.

Обвинителството за организиран криминал за предметот „Еразмус“ гони петмина осомничени, меѓу кои поранешниот декан и професор на менаџмент, Бобек Шуклев. Предметот е отворен во јуни 2016 година. Професорите се сомничат дека барале и примале поткуп од 500 до 1.000 евра за да им пишат преодна оценка за положен испит на студенти без знаење, а имало случаи кога студенти добиле шестка иако немале право да го полагаат испитот или не им бил пријавен во таа испитна сесија. Обвинети се професорите Бобек Шуклев, Славе Ристески, Драган Јанев и Стојан Дебарлиев.