Вие сте кловн и најлош претседател во историјата на САД, му кажа Бајден на Трамп во хаотичната прва дебата

42

Доналд Трамп и Џо Бајден жестоко се судрија во една од најхаотичните и најдрски претседателски дебати во поново време, во текот на која луто викаа и се прозиваа, додека зборуваа за пандемијата, белата надмоќност и економијата.

Бајден го нарече Трамп „кловн“ и во еден момент изгуби нерви и му кажа да замолчи, откако тој постојано го прекинуваше за време на 90-минутната дебата во Кливленд.

На пет недели до изборите, анкетите му даваат едноцифрена предност на Бајден, но и покажуваат дека секој десетти гласач сѐ уште е неопределен.

Бајден го обвини Трамп дека е најлошиот претседател во историјата на САД, на што тој му одговори дека „сторил повеќе во 47 месеци отколку тој за 47 години“.

Запрашан од модераторот дали ќе ја осуди белата надмоќност, Трамп одговори потврдно, но потоа се повлече кога одби директно да ја осуди крајнодесничарката група „Горди момци“.

„Видете, некој мора да преземе нешто околу Антифа и левицата“, кажа Трамп.

Бајден заклучи дека Трамп панично реагирал околу коронавирусот, кој досега уби 200.000 луѓе во САД и му порача да реагира побрзо и попаметно. Од членовите на семејството Трамп, само првата дама Меланија Трамп носеше маска за време на дебатата.

Трамп цело време се обидуваше да го вовлече Бајден во караница, но неговиот противник главно успеваше да остане смирен и одговараше кратко и јасно.

„Сѐ што кажува тој е лага, сите го знаат тоа“, кажа Бајден.