Виктор Мизо: Тешко дека ќе добиеме помош од четвртиот пакет економски мерки

31

Виктор Мизо, претседателот на Асоцијацијата на странски компании, во денешното интервју за МИА вели дека според актуелните законски критериуми е тешкоостварливо добивањето на државната помош, односно исплатата на платите за вработените од четвртиот пакет на економски мерки, за странските инвеститори во зоните.

– Во првиот дел поддршката беше добра, но мислам дека треба да се направи адаптација на критериумите. Критериумот за поддршка од 14.500 денари и сега во поголема сума е директно поврзан само со падот на приходите споредено со минатата година, оние 30 проценти или повеќе. Тие 30 проценти беа апликативни за најголем број странски компании во април и мај, бидејќи Европа технички беше затворена и не работеше. Потоа, полека почнавме да се враќаме во игра и за четвртиот сет мерки реално ќе биде тешко дека некоја од овие компании ќе ги задоволи условите, вели Мизо, одговарајќи на едно од прашањата.

Директорот на Костал Охрид смета дека како алтернативен критериум треба да се земе и колку секоја компанија инвестирала минатата година, споредено со својот обрт., бидејќи како што вели тој, голем број странски компании, кои работат тука помалку од пет-шест години сè уште немаат стигнато до оптимално искористување на своите капацитети.

– Тие секоја година инвестираат дополнително. Ако сте инвестирале 10, 15, па и 30 проценти од годишниот обрт во претходната година, тоа значи дека оваа година по автоматизам, дури и во услови на криза, ќе имате поголем обрт од минатата. Во нашата индустрија ние не споредуваме со минатата година, туку со планот за оваа година, затоа овој пад од 30 проценти не е апликативен во овој случај. Треба да се земе како алтетнативна опција што би значело колку инвестиции се реализирале минатата година во споредба со обртот за да се вклучи поголем опфат на компании преку мерките, подвлече Мизо.

Асоцијацијата на странски компании ја сочинуваат 30 компании, каде се вработени над 30.000 работници и речиси 60 проценти од извозот е нивен..