Вируси косат и млади и стари лица

7

За една недела се регистрирани 58 случаи на грип и 195 на ковид-19. Во болница лежат 17 ковид – пациенти, од кои 10 се на кислородна поддршка, а еден е на респиратор. Во променливиот декември услови за ширење си најдоа разни вируси, некои од нив подзаборавени во годиниве на пандемијата.

Амбулантите се преполни со пациенти кои се жалат на температура, кашлица, кивање, течење на носот, болки во градите, болки во мускулите…

Последната неделна анализа на Институтот за јавно здравје покажува дека имало 58 случаи на пријави на грип. Заболените лица се регистрирани во Тетово – 28, Гостивар – 13, Кавадарци, Прилеп, Македонски Брод и Струмица – по 4 и Куманово – 1.

Од 11 примероци кои биле тестирани за респираторен синцицијален вирус, 6 биле позитивни.

За сите овие респираторни заболувања лекарите препорачуваат витамини, минерали, чаеви, овошје, правилна исхарана, лекови за спуштање на температурата кога е висока, а антибиотиците се избегнуваат доколку лекарот не утврди опасност од бактериска инфекција.

Превенцијата е иста како и за ковид – одржување на растојание меѓу луѓето, недопирање на предмети кои можеби биле во допир со болно лице, миење на раце со вода и сапун во траење од најмалку 20 секунди, носење со себе на дезинфекционо средство за рацете. Секако и маската штити од разните вируси исто како и за короната и е препорачливо да се носи на места каде не може да се одржува растојание меѓу луѓето.