Вишото јавно обвинителство даде негативно мислење за притворот на Боки 13

5

Вишото јавно обвинителство даде негативно мислење за предлогот на одбраната обвинетиот Бојан Јовановски да биде пуштен од притвор и да му биде определена поблага мерка за обезбедување на присуство, дознава МКД.мк од свои извори. Мислењето дека на Јовановски не треба да му се укине мерката притвор и да му биде определена мерка куќен притвор, вишите јавни обвинители до Апелацискиот суд го доставиле во петокот.

Второстепениот суд деновиве треба да донесе одлука за барањето на одбраната на Јовановски да му биде укината мерката притвор и тој да биде пуштен во куќен притвор.

Причината поради која се бара ваквата мерка е неговата здравствена состојба.

Апелацискиот суд Скопје на нејавна седница ќе го разгледува барањето за укинување на мерката притвор за обвинетиот Бојан Јовановски.

Од второстепениот суд потврдуваат дека адвокатот на Јовановски го повлекол предлогот за јавна седница, по што апелациските судии ќе ја разледуваат жалбата, но сега на седница која ќе биде затворена за јавноста.

Директорот за Истражниот затвор Шутка, Есад Рахиќ вели дека Јовановски од вчера веќе е донесен во притвор. Детали околу здравствената состојба Рахиќ не сподели, бидејќи, како што вели го чека известувањето, но дополнува дека веројатно притвореникот е во добра здравствена состојба.

Бојан Јовановски минатата недела беше хоспитализиран во Градската општа болница „8-ми Септември”, поради контролни прегледи со упат издаден од доктор во ординацијата во Истражниот затвор.

Неговиот адвокат на прес-конференција пред две недели посочи дека неговиот клиент е сериозно болен, има нефункционален бубрег и праша дали треба да се најде на листата починати за да надлежните се освестат колку е сериозна неговата здравствена состојба.