Вијали пет години се бореше со тешката болест, а неговите мотивациски говори им помогнаа на Аѕурите да триумфираат на ЕП 2021

9

Поранешниот италијански репрезентативец, Џанлука Вијали, кој почина денеска, повеќе од пет години се бореше до ракот на панкреасот.

Ракот му беше дијагностициран во 2017 година, а една година подоцна Вијали изјави дека ја победил болеста.

„Најтешко ми беше да му кажам на семејството, на родителите, браќата, сестрите, сопругата Катрин и нашите девојчиња Оливија и Софија. Моментот кога дознавате дека имате рак ви носи некакво чувство на срам бидејќи како вие да сте самите виновни што сте заболеле. Сакав и понатаму да бидам Вијали каков што луѓето го знаеја, а потоа одлучив својата приказна да ја раскажам во книга“, зборуваше Вијали за „Кориере дела Сера“ за животот и борбата со тешката болест.

Но, минатата година, ракот повторно се враи, а откако минатиот месец, состојбата драстично му се влоши, Вијали беше префрлен во болница во Лондон каде денеска почина. Зад себе, Вијали ја остави сопругата Катрин и ќерките Оливија и Софија.

„Нормално е дека се плашам од смртта и не знам што се случува на другата страна кога ќе се изгаси светлото. Но, на некој начин возбуден сум што ќе откријам што се случува. Постои страв дека немада можам да ги завршам сите работи кои сакам да ги правам, но тоа ви помага да го цените и да го разберете животот и се чувствувам многу среќен“, зборуваше Вијали во документарниот филм на Нетфликс „Una Semplice Domanda“.

Поранешниот напаѓач на Сампдорија, Јувентус, Челси, беше голема инспирација за италијанските репрезетативци на патот кон освојување на титула на ЕП 2021 година. Тој беше неформален член на стручниот штаб на селекторот, Роберто Манчини, кој му беше голем пријател уште од професионалните денови кога играа заедно во Сампдорија.