Вкупните депозити во март се намалиле за 1,7 отсто, кредитите и натаму во пораст

0

Вкупните депозити во март, се намалени за 1,7 отсто на месечно ниво, како резултат на падот на депозитите кај двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“, покажуваат најновите податоци на Народната банка за монетарните движења. На годишно ниво, вкупните депозити бележат раст за 3,5 отсто, којшто во услови на зголемување на депозитите кај двата сектора, е поизразен кај секторот „домаќинства“.

„Во март, кај вкупните кредити е забележан месечен раст од 1,7 отсто, при годишен раст од 9,8 отсто, соодветно. Притоа, месечната и годишната промена се под влијание на растот на кредитите кај двата сектора, којшто е поизразен кај корпоративниот сектор“, се вели во извештајот на НБ.
Во март 2022 година, вкупните депозити на корпоративниот сектор се намалени за 2,4 отсто на месечна основа. Притоа, надолната промена во најголем дел се должи на падот кај депозитните пари, при забележан пад и на долгорочните депозити во странска валута и краткорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута бележат раст. На годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор забележаа раст од 3,9%, којшто пред сѐ произлегува од зголемените краткорочни депозити во странска валута, при позитивен придонес и на депозитните пари, а во услови на пад на краткорочните и на долгорочните депозити во денари.
„Кредитите на корпоративниот сектор, овој месец, бележат раст од 2,4 отсто, којшто во услови на зголемено кредитирање во денари и во странска валута, е малку поизразен кај кредитите во странска валута. Годишниот раст изнесува 11,9 отсто и во поголем дел се должи на повисоките кредити во денари“, се вели во извештајот.
Во март, вкупните депозити на домаќинствата се намалени за 1,8 отсто на месечно ниво. Надолната промена, како што посочуваат од НБ, е резултат на падот на депозитните пари, краткорочните и долгорочните депозити во денари, додека краткорочните и долгорочните депозити во странска валута забележаа раст. Депозитите на домаќинствата бележат годишен раст од 3,9 отсто, во најголем дел поради зголемените краткорочни депозити во странска валута, при помал раст и на долгорочните депозити во странска валута, во услови на остварен пад на долгорочните и краткорочните депозити во денари.
„Вкупните кредити на домаќинствата, овој месец, бележат нагорна месечна и годишна промена од 1,1 отсто и 7,9 отсто, соодветно. Анализирано според валутната структура, растот на месечна и на годишна основа се должи на повисоките кредити во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари“, се вели во извештајот.
Според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во март, кај најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити, е забележан месечен раст од 1,0 отсто и 1,5 отсто, соодветно, при годишен раст од 7,1 отсто и 15,8 отсто, соодветно.

По падот во претходниот месец, автомобилските кредити и кредитите одобрени на кредитни картички, овој месец, се повисоки за 0,9 отсто и 0,7 отсто на месечна основа, соодветно, додека на годишна основа бележат пад за 13,5 отсто и 4,1 отсто, соодветно.

Во март, кај негативните салда на тековните сметки е остварен месечен и годишен раст од 1,1 отсто и 0,7 отсто, соодветно, додека кредитите одобрени врз други основи се намалени на месечно и на годишно ниво за 2,3 отсто и 32,9 отсто, соодветно, се вели во извештајот на НБ за монетарните движења.