Владата ги поништи последните решенија на Мизрахи

3

Владата донесе одлука за поништување и на решенијата за распоредување на работни места донесени од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
На синоќешната владина седница поништени се решенијата за кадровски промени и овластување донесени од довчерашната министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи. Како што информираат од Владата, Мизрахи решенијата ги донела на 14 февруари, на денот кога во Собранието беше покрената постапка за нејзино разрешување.

Владата донесе одлука за поништување и на решенија за распоредување на работни места донесени од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Инаку, вчера до ВМРО-ДПМНЕ стигна барање од претседателот на владата Оливер Спасовски, за партијата да предложи нов министер за труд и социјала, откако Мизрахи беше разрешена поради нејзините настапи во јавност на кои стоеше пред табла во Министерството со старото државно име.

Од ВМРО-ДПМНЕ засега нема информации дали ќе предложат нов министер, а рокот истекува денеска. Доколку пред распуштање на Собранието не биде назначена наследничка на Мизрахи, со Министерството за труд и социјала до изборите ќе раководи дополнителната заменик-министерка Санела Шкријељ.