Владата ги укинува пластичните чинии, чаши, вилушки…

49

Премиерот, министрите, уставните судии веќе нема да јадат и пијат од пластични амбалажи. Владата на вчерашната седница во Куманово донесе одлука да престанат набавки во пластична амбалажа. Забраната се однесува и на пакувањата на шеќер, пластични лажички за кафе и други пијалоци, сламки и прибор за еднократна употреба. Одлуката ги опфаќа сите државни органи за кои е надлежна Службата за општи и заеднички работи, која треба да ја заостри процедурата за набавки со прописи за посебни текови на отпад.

„Задолжително во понудата да се доставува и потврда за склучен договор за преземање на обврска за постапување со отпадна опрема која е основа за ослободување од плаќање на надоместок за управување со отпадна опрема или соодветно, потврда за ослободување од плаќање на надоместок за управување со отпадни батерии и акумулатори“, велат од владата.

Претседателката на партијата ДОМ, Маја Морачанин во изјава за „360 степени“ вели дека веќе се готви и закон со кој ќе се стави генерална забрана за пластични ќеси за еднократна употреба.

„Законските измени се во тек. Во законот за пакување и отпад од пакување мислам дека законот е веќе поставен на ЕНЕР. Во овој закон ќе се имплементира европската директива“, вели Морачанин.

Законот кој треба да стави крај на пластиката за еднократна употреба е само еден од вкупно шест нацрт-законски решенија поврзани со справувањето со отпадот. Со оглед на претстојните избори договорени за април, најверојатно ниту еден нема да стигне да биде донесен пред летото.