Владата го овласти Филипче да ја започне постапката за набавка на руската вакцина

8

Во однос на кинеската вакцина која беше најавувана дека ќе пристигне во земјава до крајот на овој месец, а тоа е до крајот на оваа недела, Филиипче рече дека се уште се работи на некои дополнителни документи, се разгледуваат членови во договорот…
Од вчера е започната постапката за набавка на 100 000 дози од руската вакцина, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.

На вчерашната затворена владина седница, тој е овластен да потпише договор, по истиот принцип како и со сите останати.

„Од вчера попладне веќе интензивно разговараме, и преку претставниците во руската амбадада ќе се обидеме да дојдеме до поконретни информации кога би пристигнале вакцините тука“, изјави денеска Филипче.

Во однос на кинеската вакцина која беше најавувана дека ќе пристигне во земјава до крајот на овој месец, а тоа е до крајот на оваа недела, Филиипче рече дека се уште се работи на некои дополнителни документи, се разгледуваат членови во договорот…

„И денеска ќе продолжи таа комуникација и во следните денови ќе имаме и конкретен датум“, рече тој.

Во земјава продолжува вакцинацијата на здравствените работници кои работат со ковид-пациенти кое се одвива на шест пункта во модуларната болница во Скопје.

Тоа засега се прави со единствената вакцина која ја имаме во земјава, онаа на „Фајзер“ која ја добивме од Србија.

Се работи за над 8 000 дози, кои министерот Филипче цени дека се доволни за да се комплетира оваа прва фаза од вакцинацијата, на околу 4 000 здравствени работници.

Тој е задоволен од бројот на пријавени негови колеги за вакцинација, а очекува дека и интересот кај населението ќе биде исто така задоволителен, кога за тоа ќе дојде време.

За 14 дена се очекува да заврши вакцинирањето на здравствените работници, по што ќе следуваат хронично болните и повозрасни лица.

Досега според евиденцијата на Министерството за здравство, кај матичните лекари се евидентирани околу 180 000 граѓани во оваа група, а над 50 000 веќе се пријавиле или онлајн или кај матичните лекари за вакцинација.

Од останатите механизми кои се разработуваат се и кампањи по примерот на онаа за морбили од претходните години.