Владата донесе уредба за помош и на занаетчиите

Со мерките што ги донесе Владата за надминување на здравствено-финансиската криза, донесе и уредба со која помош ќе добијат и занаетчиите. Уредбите на Владата со кои се овозможува директна финансиска помош со исплата на плата од 14.500 денари за април и мај стапуваат во сила, а минимална плата од 14.500 денари добиваат и занаетчиите, за кои исплатата ќе се врши преку трансакциска сметка.

6

– Со овие мерки државата ги спасува работните места на граѓаните. Донесовме уредба со законска сила за финансиска поддршка на работодавците од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, со што и практично стапуваат во сила сите одредби за сеопфатна директна финансиска поддршка на работодавците со средства што се наменети за зачувување на работните места и за помош на работниците – рече на прес-конференцијата во четвртокот, претседателот на Владата Оливер Спасовски.

На прес-конференцијата од 31 март, кога беа најавувани низата мерки што Владата ги донесе, а во кои спомена дека ќе бидат вклучени и занаетчиите, Спасовски рече дека во овој сет мерки нема никој што е изземен.

– Кога најавуваме за дополнителна уредба, тоа е уредба што се носи за да можеме да ја имплементираме мерката, за да можеме да ја извршиме исплатата. Инаку, секој од нив има право да аплицира, ако се согласувате со мене и со Владата. Ние сме свесни во овој момент дека трговците поединци, занаетчиите, берберите, пекарите се најмногу погодени и овие мерки, пред сѐ, мора да се однесуваат за оние со мали и микропретпријатија, така што мерките ќе бидат за сите. Ќе направиме сѐ што можеме да зачуваме што е можно повеќе работници на работа, што е можно повеќе компании да функционираат. Треба на тој што има најмалку најмногу да му се помогне – изјави Оливер Спасовски.