Владата, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители го разгледуваат случајот „Палермо“

0

Владата го следи случајот со министерот за правда Никола Тупанчески и неговото присуство на фудбалскиот натпревар во Италија и откако ќе бидат разгледани сите информации и факти, ќе биде постапено во согласност со Кодексот за етичко однесување, известуваат од Владата. Истите информации доаѓаат и од Судскиот совет за судијата Лазар Нанев и од Советот на јавни обвинители за обвинителката Фатиме Фетаи, пишува Мкд.мк.

Државната комисија за спречување на корупцијата ги повика Владата, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да испитаат дали има прекршување на етичките кодекси откако Тупанчески, Фетаи и Нанев на сметка на ФФМ летаа до Палермо и добија билети во ВИП ложата за фудбалскиот натпревар меѓу Македонија и Италија на 24 март. Чартер летот за Палермо беше организиран на 22 март.

Обвинителката Фетаи пред два дена ги покажа уплатниците за туристичката агенција „Гуливер“ која ги организира аранжманите за ФФМ. Датумот на уплатниците е 28 март. На прашањето зошто дури тогаш ја платила фактурата откако во јавноста се постави прашањето на чиј трошок биле во Палермо фунцкионерите, вишата обвинителка Фатиме Фетаи вели дека платила во рокот даден со фактурата.

Ветувања дека ќе го разгледаат случајот „Палермо“ има и од Судскиот совет и од Советот на јавни обвинители.