Влез од Србија, Косово, Албанија и Црна Гора без пцр-тест, предлага комисијата за заразни болести

38

Комисијата за заразни болести ќе ѝ предложи на Владата да се отворат границите со Србија, Црна Гора, Косово и Албанија без ПЦР тестирање, соопшти Министерството за здравство по утринскиот состанок на комисијата. Оттаму велат дека според анализите, во моментов нема индикација односно нема висок број на увезени случаи во земјава со ковид-19 од овие земји.

„Согласно тоа, нема ризик и безбедно е отворањето на границите. Во Европската Унија сите граници на движење се без ПЦР тестирање“, велат од Министерството.

Македонските граѓани без ковид тест може да влезат само во Албанија, Србија и Косово, а во Бугарија и Грција не е дозволен влез без ПЦР тест направен 72 часа пред пристигнувањето.

Грција ги продолжи до 12 октомври мерките што се однесуваат на привремено ограничување на копнените, морските и авионските поврзувања на земјата и на забраната за влез на државјани на трети земји.

Владата вчера донесе нови рестрикции за работата на угостителските објекти во земјава откако деновиве земјава бележи рекордна дневна бројка на новозаболени од ковид-19, во саботата и во петокот имаше по 243 и 225, а вчера 191, при што близу 1.000 активни се во Скопје.